Параметри

Најважно од се е да се биде стабилен со дланките, со рамениците и со главата. Да не се прета оти и најмало поместување може да го расипе краниот продукт што треба да се фати во кадарот. Нозете и не се толку важни бидејќи тие на крај самите се опуштаат. Кадарот може да се фаќа и стоечки, и качен на столче, на некаква тараба, поголем камен, цигла, ѕидче, па дури и со скрстени нозе.

Трупот секако ќе издише при повлекување на орозот за да ја олесни тензијата, така што нозете тука и немаат некаква важна улога.



Неколку работи се важни при кадрирањето.

 

Прво, објектот мора добро да се стави во фокус на јамката. Што би се рекло објектот да влезе во оквирот на стаклениот визир. Така влегувате во просторот, во сцената. Приодот мора да биде смирен, без никакви тривијалности, говори и други непотребни сценски настапи. Ладниот лик најдобро се соочува со крајната сцена.

 

Второ, дланките не треба да треперат, тоа создава немир за кадарот, за објектите. Наместо јасни црно бели контури, сивилото доминира. Така нема да се испровоцира ниту посакуваниот експресивен колорит кај гледачот. Справата не треба да се држи пре круто, ниту пре лабаво. На тој начин се губи сензибилитет за моментот. Треба да се внимава дланките да ние ни ги попречат другите мерни инструменти на справата. Прстите да не влажнат,  и да не прават непотребен притисок на места каде што самата справа тоа не го трпи.

Истото важи и за рамениците.

 

Трето, очите. Тие ги мерат параметрите. Ја одредуваат висината, должината, па така фокусираме, целиме како да го вметнеме објектот низ јамката. Се определува аголот, јасноста на сликата. Се шират и стеснуваат зениците за подобро да ги воочат деталите.

 

Четврто, дишењето. Веќе сме во кадар, здивот треба да биде се посмирен и посмирен. Не се дише на гради туку низ стомак. Дијафрагмата се опушта полека, а ноздрите од секнуда во секунда ја смируваат тензијата помеѓу воздухот и ноздрите. Носните школки само го примаат воздухот и го носат до хоаната остварувајќи врска до голтникот.

И тука е најважниот момент. Голтникот треба да се опушти за стегањето да биде сосема природно и неприметно. Така се доаѓа до потполна смиреност.

 

И тогаш, нозете се опуштаат, небаре се лебди. Се појавува првиот зрак светлина при првиот допир на папиларната линија врз студениот ороз и настапува мрак.

 

Велат, утрото по мракот се познава.

Во овој случај, кадарот по светлината и темнината.

Comments

Најчитани