Отисоци
Неретко при процесот на развивање на филмот, во моментите кога филмот треба да се исплакне од хемијата, развивачот и фиксирот, се случува да се остават траги на филмската лента. За добро чистење на филмот од хемикалиите, се препорачува околу дваесетина минути да се исплакне низ млаз ладна вода додека филмот е сѐ уште во Патерсоновиот сад.
За подобар и почист ефект се капнува малку течно средство за миење садови. Средството за миење садови на хемиска основа всушност е база, па на тој начин се постигнува баланс помеѓу киселините и солите во процесот на развивање.
Но ни тоа не е гаранција за оставање траги.
Најчесто се оставаат водени или сапунести дамки додека филмот се суши. Тоа е резултат на недоволно плакнење. Неретко на филмот се прилепува прашина која при сушење остава дамки. Најфасцинантен ефект е отисокот.
Хемијата е уште свежа и не е врзана добро за филмот, па дури и најнежен допир на осветлената и развиена филмска лента остава вечен траг, небаре станува збор за отпечаток од сторител на кривично дело.
| photo by, Vlad_R_Duck |
„Дури и кога ми треперат прстите, јас не можам а да не се воздржам да те допрам.
Не знам само чив отисок е подлабок.
Дали твоите линии што се пронижиле низ мојава душа
која в понор погледот не го трга од твојата безвременска памучно мермерна биста
што ни Бернини самиот не би можел ко солза Богородична да ја вреже в мермер.
Или пак моите груби папили
сакајќи да ја пренесат и покажат мојата осаменост, тебе,
јалово огрубуваат и секоја твоја природна појава
и ко враг ја погануваат секоја твоја чистина
која ми предизвикува срам и беда врз сопствената, моја,
душевна слика.“
Comments
Post a Comment