Простор

Никој не ги знае границите.





Не се знае до каде доспева светлината,ниту студенилото на темницата колку длабоко со своите темни заби ги зарило во крутото месо. 

Она што велиме дека е празно само затоа што отсуствува од светлина бара да биде исполнето со тоа што го нема. Она пак што се чини дека е јасно видливо бара кубик повеќе за да го собере вишокот и го надополни со ексцес повеќе. Како да не се свесни за капацитетот што нивната суштина и содржина го прави.

Најчесто не можам да го одредам капацитетот на кубиците што не ги ни гледам околу себе. Во отсуство на својот капацитет се обидувам да го дефинирам и твојот кубик, небаре имам јадеж длабоко навлезен под кожата. Не ги знам ниту параметрите на физичките величини, ниту пак што ги создало, нивната текстура, опсегот на движење на честичките, ниту пак дали сенка некаде паѓа околу објектите и природата низ која се движиш.

Парадоксално, но чинам дека ни ти тоа не го знаеш за мене. Само шпекулираш. 

Сепак, чувствувам дека ваквата мистерија крие убавина. Обајцата постоиме, но како да некаква гравитациска сила создава тензија на привлекување во таа меѓу празнина, што ниту ѕвезда при нејзиното создавање и нејзиниот колапс не го има во себе за да опстои во сопствениот простор. 

Таа меѓу празнина е нашиот простор на делување, нашата привлечна сила за неопходноста еден од друг и покрај нашето очигледно незнаење еден за друг.




Comments

Најчитани