Инстинкти




Времето е најостриот брич чие сечиво запишува лузни на површините по просторот. Возбудата и немирот кои треперат низ браздите на изрежените линии како хиероглифи ја запишуваат историјата на се што минало по тој простор. Ништо не е видливо во тие бразди. А како би било кога само мракот ги препознава, оти се дел од него во тоа пусто темнило.

Како да сакаат да се предадат на првиот туѓинец што ќе го осуетат. Не го препознаваат својот домаќин, своето сопствено изрежание, па бараат да се вдомат и му ја раскажат приказната за сопствената причина и последица. 

Единствен начин кога го препознаваат своето битисување во тој невидлив простор, е да бидат барем малку фрлени со последен зрак светлина преку кој ќе бидат отсликани нивните контури. Но повторно, само нивните темни неправилни линии и форми, без видливост на нивната длабочина и понор. 

Само површината. Така тие сакаат.

Да бидат земени и припаднат макар и на светлата површина, а контрастот црн да се отслика. Да бидат нечиј припадок во пошироката слика за која очајно мечтаат дека треба да прираснат, но ја немаат физичката можност да допрат и бидат осветлени. Треба некој екстерен фактор тоа за нив да го причини, извор од каде што таа светлина ќе се појави. 

Потребен е некаков физички ритуал што ќе го осуети нивното присуство. Нивните дејствија на потреба за режење и ширење на засеците низ безсветлинскиот простор; да бидат засведочени и накудени во нивното постоење и место недржење во тоа големо темно ништо. Нешто да ја осветли и засрами нивната недоволност за да постојат.

Тоа е некоја нивна чудна осаменичка, садистичка бројчана мерка на судбината која репетититвно им го трасира патот само во нивниот интимен затворен круг пред воопшто да им биде фрлен тој фамозен зрак светлина низ кусо отворената бленда. Дури и да се случи тоа, тие кусогледо, неумешно и неуко го одбројуваат сопствениот такт, чекајќи да бидат осветлени. А во меѓувреме, само режат и ги продлабочуваат браздите, до бол.

За нив, тоа е тензија чекајќи објективот да го фати кадарот, а кадарот се уште не е во целост наместен, оти тој не знае дека објективот постои, но претпоставува и посакува. Како диво животно во темната шума насетувајќи го истрелот од пушката кое во страв се обидува да ја скроти својата неминовна смрт. 

Кадарот тоа го препознава.. и!

Веќе е крај.

Comments

Најчитани