Слики

Не постои ништо пред мене...





Барем така очиве перцепираат она што навидум е пред нив.

Но паметот кажува сосем друго.

Божем честички се збрале судирајќи се една од друга,

та некаков призор се обидуваат да создадат.


Јалово, ми се чини...


Очиве не догледуваат, освен вселенскиот мрак пред нив.

Темна материја каде опсегот на светлината нема моќ да продре.

Какви ли се овие честички кои

ниту светлината ги носи,

ниту мракот ги препознава?


Зенициве, 

папсани од ширење,

веќе сето црнило го собрале на едно место,

жедни да те зберат и тебе

и твојот хемиски состав.


Асклепиј,

оној што пред Танатос за мртвите му говори на Хад,

би прогледал да те види 

и да ја избави грешноста своја,

за барем уште еден ден

за животот му изгубен таму горе.


Но овде,

пред очиве е пусто, а сепак исполнето.

Богато, но бедно и сиромашко.

Овој космос темен

како да е спремен за тебе,

те чека да пукнеш од некаде,

да го дефинираш зборот „светло“

што овој простор, овие раширени зеници,

не го распознаваат.


Да ме ослепиш и убиеш в миг.


Само така ќе создадеш икона од призорот пред тебе,

претстава за најнезнајното јавление до сега.

Вешт и прецвизен кадатр за состојбата,

содржината и приказната,

бојата и контурата.


Само така ќе ме замрзнеш мене,

во еден здив,

во еден простор,

а тогаш, мирно ќе можам да преминам јас во другиот свет,

во твојот...

Оти во мојов, кучешки и гнил,

и светлината би побегнала засекогаш. 

Comments

Најчитани