Anisoptera
photo by: Vlad_R_Duck |
Не знам зборовите како ќе се нанижат
како што не знам ни правта во воздухот гнасен
што грутки в грло ми чини,
и без плунка јазиков сал сув корупки насобрал
ќе се испоганат,
но знам оти од некаде треба да се започне.
Од крик, веројатно,
та чинам раката потаму сама ќе придвижи.
Не сакам да дојдеш од таму некаде,
од историјата крвава и валкана, испишана од туѓа рака на мојов животен пергамент.
Не сакам ни да бидеш утре таму некаде,
отаде, одзад нечија и некоја скриена фантазија
што ќе ја украде повторно сегашнината,
та со трепер и немир мојава душа повторно пропад ќе оди за тебе.
Биди и постани сега,
ти што фалиш,
таа што се губи помеѓу реалноста и сонот,
помеѓу бакнежот и здивот,
допирот и пулсот,
прегратката и топлината на твојата внатрешност.
Трогни ме,
за повторно да умре моето јас пред твојата нова светлост.
Comments
Post a Comment