Долга експозиција

 

Фото, Ф.Ицовски, 2023

Неизвесноста значи чекање, а чекањето јаде одвнатре.

Тоа е подготвеност и исчекување да настапи некаков момент или пак да се оствари долго очекувано дејствие. Процесот може да трае долго, а може и кратко. 

Во суштина, можеби и никогаш нема да настапи моментот, ниту пак дејствието да се случи.

Чекањето е математичка категорија.

Тоа е единицата време помножена со масата, збирни со единицата за дадениот простор. Сѐ зависи од дадениот момент, од тој почеток.

Чекањето не е ни физичка величина, ниту пак хемиска супстанца, туку е само обична пресметка на тој грам невротична возбуда за да си го оправдаме залудното време.

Времето никогаш нема да се врати.

Сѐ измеѓу е привид.

 

***

При долга експозиција чекањето е клучно.

Во што е трикот.

Најпрво, мора да се намести големината на отворот на објективот кој што ја пропушта светлината и кој се мери како f-број. Секој објектив има опсег на поставки од мали до големи вредности. Малите, се најчесто од f/1,7, некои пак од f/2,8 па нагоре, сѐ до f/16 (некои дури f/20, 22 итн.). При помала вредност се пропушта повеќе светлина, а при поголема вредност, помалку. Кога се пропушта повеќе светлина при помала вредност се добива мала длабочина на полето заради што позадината на сликата зад точката на фокус е заматена. 

Понатаму, брзината на блендата е неопходна за да се замрзнат движењата. Ако она што го фотографираме се движи побрзо од брзината на блендата, тогаш субјектот/објектот, ќе излезе заматен.

Затоа, како фактор при долгата експозиција во суштина е внимателно одбирање на брзината на блендата, односно времетраењето за кое ѝ дозволуваме на светлината да допира до сензорот.

Значи, колку повеќе ја држиме блендата отворена, толку повеќе светлина се пропушта. 

Големата брзина на блендата (ако сензорот е отворен кратко време) е корисна за доловување дејства со голема брзина, а мала брзина на блендата (кога блендата е отворена долго време) заради креативни ефекти на заматени движења.

Третиот фактор за одлична долга експозиција е приспособување на чувствителноста на светлината на блендата. Пониските вредности на филмот (100 ASA или во дигитална фотографија ISO) резултираат со поквалитетни фотографии. Повисоките вредности, како на пример 400 ASA ја зголемуваат чувствителноста на сензорот од блендата, така што потребна е помала светлина за точна експозиција.


*** 


Нашите души се како долгата експозиција. 

Ги шириме онолку колку што сметаме дека е потребно да влезе она што го сакаме. Трикот е што никогаш немаме увид во тоа што и колку влегло, а што и колку излегло од нас. При таа размена секогаш останува вишокот.

Срањето...


Comments

Најчитани