Измивање

 

Фото, Ф.Ицовски, август 2023



Пред неколку месеци фотографирајќи ги последните 12 пози од Agfa APX 100 на Yashica Electro 35 G, без воопшто да забележам дека има некаков посериозен проблем, најголемиот дел од позите, вкупно 10, воопшто не се фотографираа. Последните 10 пози, при развивањето на филмот, излегоа тотално празни. Внимателниот господин кој го развиваше филмот се чудеше и ме убеди дека филмот се преекспонирал при фотографирање, па поради тоа не излегло ништо на лентата.

 

Беше чудно, бидејќи просторијата каде што се фотографираше не беше воопшто тотално осветлена и заради тоа морав да бидам исклучително внимателен при фотографирање.

 

На крај излезе дека блендата на објективот што е наменета да ја пропушта светлината во дел од секундата е заглавена поради дотраена електроника при користење на автоекспозицијата и тајмерот. Последните 12 фотографии беа фотографирани токму преку автоекспозиција и вклучување на тајмерот, но поради запечена електроника, филмот воопшто не бил експониран.

 

Љубезниот господин што го развиваше филмот, само го измил на празно.

 

***

Меморијата е како филмска лента.

 

Некогаш се врежува и постојано ја гледаме. Но најчесто не сме ни свесни што правиме со неа, напразно ја искористуваме, а потоа ја плакнеме душата за да исчезне како сезонски вирус.

 

Но, таа не исчезува.

 

Дејствијата, мислите за посакувањето, за чинот на сторување е она што останува. Како да станува збор за возење велосипед, па  на еден механички начин е врежано во нашите тела кои се на штрек и веднаш реагираат при секој потрес, како плашлив зајак среде ловна сезона.

 

Тоа е она што останува. Стравот и инстинктот за преживување.

 

Филмската лента секако ќе заврши во канта за ѓубре, но ѓубрето што меморијата го чини, секогаш останува.


Фото, Ф.Ицовски, август 2023


Comments

Најчитани