B (bulb)

 

Фото, Ф.Ицовски, 2023

Нагодувањето B или “bulb” кај фотоапаратот значи дека се презема акција при која блендата на објективот е отворена онолку долго колку што ќе се држи стиснато копчето за сликање (чкрапецот).  Фотографот го држи чкрапецот стиснат онолку колку што е потребно да овозможи проток на светлина доволен за да го „изгори“ филмот соодветно.

 

B (bulb) е поразлична опција од онаа т.н. „Т“, на пример, при која чкрапецот се притиска еднаш, за потоа повторно да се притисне како би се затворила блендата. Последното, денес, најчесто се користи при авто-експонирање, кога потребен е проток на време (секунди) да самиот чкрапец автоматски реагира и да го фотографира кадарот.  Се употребува во ситуации кога е неопходно да се фатат објекти на филмот кои се движат под дејство на сила и прикажуваат значителна брзина. Во тој случај брзината на чкрапецот мора да биде пониска отколку понудениот минимум на апаратот. Затоа потребен е статив за камерата да не се поместува, а соодветно да се фати посакуваниот објект и ефектите што тој, при своето движење/акција ги дава.

 

Се чини дека оваа состојба е како кога два објекти, не знаејќи за својата сила и брзина, дејствуваат еден вр друг со различна механичка и кинетичка отпорност, за на крајот да се најдат некаде на средина и комплетно да го исцрпат сопствениот потенцијал.

 

***

Во „Темниот Витез“ на Нолан, фатениот Џокер, висејќи удолу на јаже, ќе му рече на Бетмен:

 

Ти... Едноставно не можеш да се откажеш, нели? Значи, ова е тоа што се случува кога незапирлива сила ќе се сретне со неподвижен објект. Ти навистина си непоткуплив, нели? Ти нема да ме убиеш заради некое свое изместено чувство на правичност. А јас нема да те убијам затоа што си премногу забавен. Мислам дека обајцата сме осудени вечно да го правиме ова.

 

Џокер е во право.

Обата објекти колку што за себе претставуваат незапирлива сила за причинување на некое дејствие, истовремено се статични кога се гледаат еден наспроти друг. Тие се осудени на таков однос вечно.

 

***

Ние, луѓето, сме осудени да дејствуваме како сила во однос на другиот/те наспроти нас. Тоа е наша статичност и наше најголемо брутално насилство врз околината. Врз сѐ околу нас.

 

Тоа е нашето најголемо проклетство.


Comments

Најчитани