Експозиција

 

Фото, Филип Ицовски, 2023

Времето е клучно.

Колку подолго врви, толку поизложени се честичките на филмот со светлинското дејство при снимањето. Колку пократко, изложувањето е помало затоа што продорот на светлината е помал.

 

Ако објектот/субјектот е светол, или кон него се фокусира  извор на светлина, тогаш се добива на контраст, па се истакнуваат светлите точки, а темните, најчесто позадината е обвиена во тотална темнина. Темнината и светлината се подеднакво загадочни оти како што темнината го затскрива делот од видливиот свет во тотален мрак, осветлениот ги истакнува контурите и сивите запечени нијанси.

 

Изложувањето е функција за да се истакне формата на светлината. Ниту една светлина не може да опстои без сенка. Тие се амалагам за реалното во замислените илузии на окото, кое го гледа кадарот и низ кое излегува духот на маченикот со апаратот.  

 

Преекспонирањето или подекспонирањет на душите во нашите телесни контури осветлени на филмската лента не го сокрива нивното оштетување. Субјективното и ментално оштетување секогаш е изложено и секогаш видливо соодветно.

 

Тоа, впрочем, е и вистинскиот показател за пропаѓање на субјективното на лентата и овековечената персона.

***

Колку подолго темнината стои на забот на времето, толку повеќе светлината ќе ја открие нејзината вистинска суштина.

Колку пократко светлината ѕирка низ процепите во просторот и времето, толку поизмачувачка и во агонија пропаѓа хемијата на филмскиот наратив. 


Comments

Најчитани